Се сеќавам еднаш прочитав дека некои го користат јазикот да ги прикријат мислите, но од мое искуство многу поголем број го користат наместо мислите.
Разговорот на бизнисменот треба да е регулиран со помалку и поедноставни правила отколку која било друга функција на човекот-ѕвер. Тие се:
Имај што да кажеш.
Кажи го.
Престани да зборуваш.
Да започнеш пред да знаеш што сакаш да кажеш и да продолжиш откако ќе го кажеш го носи трговецот на суд или во прифатилиште за сиромаси, а првото е скратен пат до второто. Водам одделение за правни работи тука, и тоа чини многу пари, но тоа е за да ме заштити од одење на суд.
Кога молиш девојка или зборуваш со пријатели по вечера во ред е да водиш разговор како екскурзија од неделно училиште, со паузи за собирање цвеќиња; но во канцеларија должината на речениците меѓу точките треба да ти е што е можно пократка. Скрати го воведот и завршниот дел, и застани пред да дојдеш до второто. Мора да проповедаш кратки проповеди за да ги уловиш грешниците; а ѓаконите не веруваат дека ним лично им требаат долги. На будалите дај им го првиот збор а на жените последниот. Месото е секогаш на средина на сендвичот. Секако, малку путер на секоја страна не прави никаква штета ако е наменет за човек кој сака путер.
Запомни и дека е полесно да изгледаш мудро отколку да зборуваш мудро. Кажи помалку од другиот и слушај повеќе отколку што зборуваш; оти кога човек слуша не се открива самиот и му ласка на оној кој го прави тоа. На повеќето мажи дај им добар слушател а на повеќето жени доволно хартија за белешки и ќе кажат сè што знаат. Парите зборуваат – но не освен ако сопственикот има одврзан јазик а забелешките му се секогаш навредливи. И сиромаштијата зборува но никој не сака да слушне што има да каже таа.